Македонски (Macedonian)English (United Kingdom)

Интегриран бизнис курикулум

Наставната програма на ,,Факултетот за бизнис економија” (ФБЕ) (,,Integrated Business Faculty”-IBF) е моделирана според Интегрираниот бизнис курикулум-ИБЦ (Integrated Business Curriculum - IBC), студиум кој се предава на Универзитетот во Ајдахо (University of Idaho - UI), САД. Овој уникатен додипломски студиум, осмислен и развиен во САД во текот на изминатите петнаесет години, во 2003 година доби и награда за својот иновативен и креативен пристап кон бизнис образованието[i].

Постојат четири основни обележја кои го прават ИБЦ толку иновативен:

1. Основните области на функционирање во рамките на една фирма (на пример финансии, маркетинг, менаџмент, менаџмент на човечки ресурси, менаџмент на производството и оперативните системи, информатизацијата на бизнисот итн.) се предаваат на начин што се става акцент на нивното интерактивно влијание на едни врз други и врз целокупното работење на фирмата и нејзината способност да успее. Секако притоа имајќи во вид дека окружувањето во кое работат претпријатијата е уште покомплексно и изложено на глобализациските процеси и трендови, што е и илустрирано на следната слика:

Бизнис системи

2. Во текот на целиот курс студентите работат во тимови со цел да ги научат и практикуваат вештините на тимската работа кои во денешни услови стануваат се попресудни за опстанокот на фирмите. На тој начин сфаќаат како разните функционални области можат подобро да работат, но и како можат да остваруваат синергетски позитивни и/или негативни  ефекти, влијаејќи  едни на други. На следната слика претставен е пример за структурата  на прашањата на менаџерско ниво со кои се соочува секој бизнисмен:

Структура на прашања на менаџерско ниво

Ова е моделот на холистичка анализа која им се предава на студентите во IBC програмата. Студентот дипломец во ФБЕ, по успешно завршените студии и оформено високо (додипломско) образование, ќе ги има сите економски познавања од избраната насока (финансиски менаџмент, маркетинг менаџмент, банкарство, регионален и локален бизнис развој и одржлив развој - еколошка економија), но ќе се одликува и со познавања и компетентност од другите оперативни аспекти на водењето на бизнисот, како и “развиеност на инстинктите” за етичко користење на сите средства кои се неопходни да се соочи со бизнис проблемите. Бизнисменот, кој мора “сé да направи” при отпочнувањето на нови вложувања, мора да е добро подготвен по завршувањето на  студиите по бизнис економија.

3. Наставата ја држи тим професори од факултетот, кои de facto ги претставуваат разните функционални области во рамките на една фирма. Воедно, студентите во реален амбиент на пазарот и на институтционалниот систем ги практикуваат стекнатите знаења и вештини, водејќи сопствен виртуелен мал бизнис.

4. Курсот трае два семестри, односно една академска година. Во процесот на студирање, компетентноста на студентите се тестира индивидуално и за секој предмет од поединечната област. Притоа, предавањата за специфичните теми се илустрираат низ анализа  на   постојните проблеми во македонското стопанство и студии на случаи за избрани индивидуални бизниси,  така што најдобро би ги одразиле предизвиците и можностите со кои се соочуваат македонските бизнисмени, видени и решени  низ очите на студентите.  На тој начин нашите студенти, сублимирајќи знаења од повеќе дисциплини, учат да ги откриваат комплетните решенија, на ист начин како што сопственикот/менаџерот на едно претпријатие би го направил тоа. Следејќи го ваквиот пристап на работа ФБЕ  овозможува најдобра форма на образование прилагодена за денешните потреби на македонската економија.

Бизнисот и курикулумот

Американското бизнис образование во изминатите 25 години, почнувајќи од фокусирање воглавно на големите корпорации се прошири и вклучи образование кое е соодветно и на потребите за основање и работење на мали и средни претпријатија. Во високо развиена економија каква што е американската, преку 95% од претпријатијата се дефинирани како ,,мали” и создаваат преку 85% нови работни места во земјата. Преку 70% од овие работни места произлегуваат од новите претприемнички бизниси чија основна цел е профитабилност, развој, превземање на ризици и иновативни стратешки практики.

Во земјите во развој, вработувањето во малите претпријатија  резултира со уште поголем број на работни места,така на пример само за илустрација, во Македонија 98.7% од сите регистрирани претпријатија се мали и средни и тие апсорбираат 79% од расположивата работна сила во земјата. Затоа, за економија  како што е македонската, создавањето на курикулум релевантен за малите претпријатија и бизнисот е од витално значење. Претприемачите кои почнуваат бизнис со овие основни цели, мора да ги имаат во вид сите стратешки и работни одлуки на фирмата. Бизнисменот мора да е компетентен во сите работни области и мора на својата фирма и на конкурентската средина да гледа како на поврзан процес или систем. Секој бизнисмен исто така мора да биде способен да го процени ризикот и на оперативно и на стратешко ниво. Наставната програма на ФБЕ ги доведува сите други курсеви на бизнис ниво со создавање на култура за градење бизнис од повеќе перспективи и проценка на ризиците кои произлегуваат од работните и/или стратешките одлуки.   

Основната концепција за интегрирано бизнис образование, во текот  нејзината примена од основањето на ,,Факултетот за бизнис економија” во 2006 година, понатаму беше развиена и надоградена со имплементација на истиот пристап на интерактивност во сите наставни дисциплини. Имено, покрај интегрираните бизнис модули (ИБЦ-1 и ИБЦ-2)[ii],во наставните активности за секој предмет се предвидува и интерактивна настава преку разни истражувачки  активности на студентите на терен, за соодветните тематски подрачја групирани во  3-4 комплексни теми, во текот на секој семестар.  Така, тимското учење од областите на финансиите, менаџментот, маркетингот, информатичките системи, меѓународниот бизнис, квантитативната анализа, економијата и сметководството итн. се остварува низ совладување на основната методологија на истражувањата на терен и во сите достапни медиуми (интернет, периодика, литература и др.).

Ваквиот пристап ни овозможува да ставиме  акцент на тимското работење, практично осознавање и доживување на бизнис системите, планирањето на производството и разните процеси во бизнисот, носењето одлуки, менаџирањето на ресурсите на фирмата и одлуките за функционирањето на бизнисот итн., оспособувајќи ги студентите за практична примена на теоретските знаења што ги стекнуваат во текот на студиите.

Покрај интерактивниот пристап во текот на наставата, ФБЕ  за своите студенти организира и едномесечна летна пракса во разни претпријатија (во банките,  во информатичката,  фармацевтската и челична индустрија, во невладиниот сектор, државната администрација и локална самоуправа итн.).

Впрочем, и самиот факт дека 80% од нашите дипломци се вработени, доволно зборува  за уникатноста на избраниот интегриран пристап кој го применуваме  во бизнис образованието и неговата супериорност во однос на т.н. ,,класично” студирање  економија на останатите универзитети во земјата и регионот.




[i] MOSCOW – Колеџот за Бизнис и Економија при UI, со 1,300 студенти, 40 редовни факултети, мали групи, нови капацитети со висока технологија, и иновативен курикулум, ја доби Наградата за иновативно и креативно образование од Меѓународната Академија за лидерство во образованието во 2003 година.  Наградата беше доделена во рамки  на годишниот меѓународен состанок на Здружените Академии.


[ii] Подетален опис на модулите ИБЦ-1 и ИБЦ-2 има во делот Интегриран пристап