Македонски (Macedonian)English (United Kingdom)

Интегриран пристап

Уникатноста на интегрираниот пристап во студирањето на бизнис економија е што сите релевантни аспекти на водење на бизнисот и донесувањето правовремени и оптимални одлуки, исто како и во реалниот деловен свет, се комплексни, со различен приоритет, со симултан каузалитет. Ваквиот пристап во изучувањето на економските науки, ни овозможува да симулираме сегменти од пазарното стопанство во кое студентите носат одлуки за сопствениот виртуелно-реален бизнис. Консеквентно, студентите се оценуваат зависно од профитабилноста на студентската компанија, активната вклученост и индивидуалниот придонес во тимската работа. Конкретните содржини во т.н. интегрирана компаниска програма (ИБЦ-1 и ИБЦ-2) се состојат од правни, организациски, маркетиншки, финансиски, бихејвиористички итн. аспекти кои се подолу презентирани.

Модулите 1,2 и 3 (опфатени во ИБЦ-1), се предаваат и практикуваат во втора студиска година

Модулите 4,5 и 6 (опфатени во ИБЦ-2), се предаваат и практикуваат во трета студиска година

Модул 1: Тимска работа

Овој модул претставува дел од интегираниот пристап во формирање на тимови за имплементација на определени цели. Наставата се одвива во тимови. Групите се состојат од 10-3 0 студенти. Секој тим се состои од 5 до 6 лица. Секој тим е задолжен да креира своја веб–страна. Времетраење на модул 1 изнесува 5 недели. Цели кои се постигнуваат:

  • Да се подобри способноста за прилагодување на тимскиот концепт во специфична ситуација.
  • Подобрување на поврзаноста на членовите на тимот. Ова всушност подразбира заедничко креирање на планот, негово извршување и користење на искуството на членовите на тимот во развој на определени цели и задачи. Од тимовите се очекува взаемна интеракција во извршувањето на планираните задачи, што води до повисока кохезивност во групата и консеквентно до продуктувен тим што е предуслов за започнување на проектот и остварување на неговите цели и задачи што е предмет на тимска имплементација.
  • Подигнување на свеста за потреба од планирање. Планирањето на иднината треба да ги зголеми шансите за реализација на продуктивноста која без сомнение ја поседува секој од тимовите. Со планирањето во рамките на тимот, се обезбедува поголема можност за меѓусебна контрола.
  • Ги воведува студентите во користењето на алатки и процеси потребни за креирање на нивна веб–страна.


Веб-страната на секој тим (независно дали се постојни или  новоформирани) мора да содржи три основни компоненти:

Опис на тимот: Опис на постојната структура (background)-дефинирање на проектот кој е цел на тимската имплементација, негови цели и задачи, спонзори, муштерии и нивни барања. Овде се содржат и сите лични податоци и други информации релевантни за членовите на тимот;

Опис на структурата на тимот-вклучувајки број (големина) на тимот, подгрупи и сл.

Опис на организацијата на тимот кои активности кој член на тимот ги покрива, кој со кого соработува и како меѓусебно се информираат. Договор за тимска работа - кој содржи име и лого на групата. Силни и слаби  страни и ограничувачки фактори за работа на тимот. Структурирање на тимот, улоги на членовите и интерни процеси на работа. Студентите треба врз основа на познавања стекнати од наставата да создадат ефикасна организациона структура и непречени информациски текови. Договорот треба да содржи специфични временски термини во кои тимот ќесе среќава и за таа цел изготвува временска таблица (гантограм) која ги покрива активностите на тимот во текот на семестарот.

Концепскиот приод во овој модул базира на три компоненти: Секоја од компонентите на овој модул го инкорпорира влијанието на извесни внатрешни и надворешни фактори како што е: организационата структура, организационата култура, економското опкружување и макроекономското опкружување. Креирање на тимот: организација, структура и култура; Тимска работа: Цели, раководење, развој, комуникации, управување со проектот, одлучување, конфликт и евалуација; Оценка на ефикасноста во извршување на планските цели на тимот:  воспоставување на критериуми за мерење на ефикасноста од страна на самиот тим. Оценка на  структурата и функционирањето на тимот дава менторот за секоја проектна задача.

Модул 2: Бизнис системи

Модулот „Бизнис системи“ претставува воведување на студентите во процесот на интегрална анализа на окружувањето и негово влијание врз целите и стратегиите на корпорацијата. Окружувањето, предмет на оваа анализа претставува: макроекономското окружување анализирано од аспект на природни ресурси и работна сила и бизнис или стопанското окружување составено од 5-те основни компоненти-конкуренција, купувачи, понудувачи, пазарни структури и други движечки сили на вака структуриран стопански амбиент.& Овој модул трае 6 недели. Цели кои се постигнуваат: Поцелисходно користење на економските информации од макро ниво. Оваа анализа ќе се фокусира на природните ресурсите и технологиите базирани на нивно искористување, како и на анализа на: финансиските, економските, глобалните, социо-културните и демографските карактеристики на населението и работната сила, политики, регулативи и закони. Поцелисходно користење на економските информации кои се однесуваат на стопанското окружување како што се: пазарните структури, понудувачи, купувачи, конкуренција и други движечки сили на стопанството. Практична валоризација на надворешните влијанија врз деловното работење на корпорацијата. За реализација на оваа цел се претпоставува познавање на сите компоненти кои го детерминираат оперативното работење и стратегијата на корпорациите како што се: маркетингот, финансиите и сметководството, внатрешната организација, управувањето со човековите ресурси и инжинерингот.

Модул 3: Планирање во процесот на производство.

Овој модул треба да ги интегрира познавањата кои студентите ги стекнле од областа на маркетингот и финансиите и менаџментот во креирање на бизнис стратегија за корпорацијата. Курсот трае 6 недели Цели кои се постигнуваат: Поголеми познавања за процесот на планирање, имплементација и контрола во интегралниот менаџмент циклус. Се работат стратегиски планови за развој на начин кој треба да им укаже на неопходните чекори во овој сложен процес. Тоа подразбира дефинирање на визија и мисија а потоа анализа на добрите и лошите страни на компанијата и анализа на егзогените варијабли како што се можностите и опасностите, кои секогаш се фактори на надворешно влијание и на кои компанијата не може да делува. Поголеми познавања за операционализација на плановите дефинирани на стратешко ниво на тактичко и оперативно ниво што ќе ги опфаќа компонентите: маркетинг цели и планови, план на производство, планови на работна сила и финансиските планови. Можност за идентификација на критичните точки и проблемите, како и користење на информациите добиени од претходната фаза на имплементација како фидбек во стратегискиот план на компанијата.

Модул 4: Планирање и одлучување

Планирање и одлучување е модул кој претставува логично продолжување на знаењата стекнати за планирањето во дадено бизнис окружување. Нагласокот во овој модул е ставен на процедурите и инструментите кои се користат за предвидување на продажбата како и изготвување на про-форма извештаи од кои произлегуваат плановите за сите пооделни функции во компанијата. Времетраење на овој модул е 6 недели. Цели кои се постигнуваат: Знаења за начините и методите по кои се спроведува квантитативното и квалитативното предвидување на продажбата. Изготвување на оперативни планови за сите функции во претпријатието. Знаења за сублимирање на резултатите од оперативното планирање во финансиски план на компанијата, т.е. изготвување на про-форма извештај за текот на готовината во рамки на една фискална година и про-форма биланс на состојба и биланс на успех.

Модул 5: Управување со корпорациските ресурси

Управувањето со корпорациските ресурси е наменето за идните менаџери и претприемачи кои донесуваат одлуки за располагањето и користењето на сите расположливи ресурси. Овој интегриран курс обезбедува комплементарни познавања и сублимирање на знаењата стекнати од курсевите по бизнис и економија. Времетраење на модулот е 6 недели. Цели кои треба да се постигнат: Деловно одлучување за стекнување и располагање со сите ресурси на компанијата, нивно менаџирање и ефектите од управувањето и одлучувањето врз финансискиот резултат на компанијата, а консеквентно и врз вредноста на капиталот во посед на акционерите. Интегрирани познавања за постапките и методите на деловно одлучување како: инвестициони одлуки, оперативни одлуки, одлуки во врска со човековите ресурси, одлуки за информациониот систем и финансиските одлуки. Интегрирани познавања за менаџирањето со парите и хартиите од вредност, залихите, работниот капитал, инвестициите во кадри, основни средства и побарувања од купувачите. Проширени познавања за избор, селекција, тренинзи и нов приод за оценка на продуктивноста на работната сила. Проширени познавања за управување со информационата база на компанијата, обработка и моделирање на податоците. Проширени познавања за релациите меѓу обврските и капиталното финансирање, определување на финансискиот левериџ и дивидендната политика.
Анализа на надворешното опкружување: конкуренција, меѓународни збиднувања, финансиски пазари и трошоци на капиталот, проценка на ризиците и нивното влијание врз готовинските приливи и определување на вредноста на акциите во компанијата.

Модул 6: Оперативни одлуки во бизнисот

Овој модул се фокусира на методите и условите во кои се донесуваат оперативните одлуки за бизнисот. Ова е модул кој е базиран на интегрирање на познавањата од областа на маркетинг менаџментот, производниот менаџмент и финансиите. Модулот се организира за времетраење од 6 недели. Цели кои треба да се постигнат: Продлабочување на знаењата кои се однесуваат на донесувањето на одлуки поврзани со маркетинг миксот. Акцентот се става врз одлуките за производство, промоција и формирање на цената; Продлабочување на знаењата кои се однесуваат на однесувањето на купувачите во процесот на купување, анализа на нарачките, производите кои се нудат, начините на кои се нудат и еластичноста на побарувачката во однос на цената на производите; Продлабочување на знаењата за моделите на дистрибуција, од кои се добиваат информации за производот, побарувачката и други релевантни информации и влијанието на овие информации врз глобалното планирање на ресурсите на претпријатието. Симулација на електронско тргување.

 

 Активностите на  нашите студенти во рамките на интегрираната компаниска програма  се реализираа низ неколку виртуелни компании чии финални производи можете да ги погледнете на следниот линк.