Општина Аеродром во соработка со Факултетот за бизнис економија од Скопје, организираше работна сесија на тема Локален економски развој – најдобри практики, како дел од проектот „Размена на вредности“ од програмата Европа за граѓаните.
На сесијата учествуваа претставници од одделението за ЛЕР на Општина Аеродром и од секторот за ЛЕР на општина Вандсворт, како и факултетски професори од Хрватска и Скопје, поточно од Факултетот за технички науки на Карловац и Факултетот за бизнис економија од Скопје. На трибината, учесниците презентираа свои успешни проекти и ги споделија своите искуства од областа на локалниот економски развој пред студентите од Факултетот. Трибината за најдобри практики всушност беше последната активност со која успешно се реализираше проектот „Размена на вредности“. Имено, во рамки на проектот, претставници од општинските администрации, наставници од основните училишта и ученици од Општина Вандсворт, Лондон и од Карловачката жупанија, Хрватска беа во тридневна посета на Општина Аеродром. За време на посетата, претставниците од администрацијата на Општина Аеродром ги презентираа пред гостите проектите коишто ги има реализирано општината досега од областа на урбанизмот, образованието, спортот, културата, како и планови и проекти во рамки на локалниот економски развој на општината.
Покрај бројните состаноци, трибини и разговори околу можните заеднички идни проекти меѓу трите земји, гостите од Хрватска и Велика Британија ги посетија основните училишта и градинките во Општина Аеродром, со што директно се овозможи размена на искуства меѓу учениците и наставниците. Исто така, направија и обиколка на општината со цел да се запознаат одблиску со убавините и предностите кои ги нуди Општина Аеродром, a посетија и неколку позначајните места во Скопје.
Во проектот учествуваа 25 претставници, така што делегацијата на Општина Вандсворт ја предводеше раководителот за уметности, Хелен Ренвик и службеникот за економски развој Норман Фрост. Делегацијата на Карловац пак, беше предводена од раководителот на управниот оддел за просвета, култура, спорт и информирање на Карловачката жупанија, Жељко Шанчич, од раководителот на управниот оддел за општествени дејности на Град Карловац, Андреја Навијалич и Маја Микшич од Центарот за изврсност во мехатроника.
Проектот „Размена на вредности“ се реализираше со средствата од грантот кој неодамна го доби Општина Аеродром од програмата на Европската унија „Европа за граѓаните“, а целта е преку директно запознавање на националните вредности на трите општини и земји, да се подобри соработката, да се разменат искуства во приближувањето кон Европската унија, како и создавање Европа без граници.
Факултет за Бизнис Економија
Улица „3-та Македонска Бригада“ бр. 66А - Кат 1, 1000 Скопје, Македонија; тел. 389 2 2402160, 2402161 факс: 389 2 2466043
fbe@fbe.edu.mk - www.fbe.edu.mk